Горан Пандев, сосема очекувано, е Спортист на Македонија за 2020 година, во изборот на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортови а во кој гласаа стручниот спортски совет и македонските ТВ, печатени и онлајн медиуми. По освоеното прво место во Д-лигата од УЕФА Лигата на нации и обезбедениот пласман на ЕВРО 2020, капитенот на македонската фудбалска репрезентација го понесе признанието за најдобар во македонскиот спорт изминатава година.
Горан Пандев, кој во моментов е во Италија, се јави со своја порака од Џенова…
„Жал ми е што не сум присутен во Македонија во моментов, па преку видео се заблагодарувам на оваа награда, благодарност до Агенцијата за млади и спорт, но за оваа награда заслужни се сите во македонската селекција почнувајќи од селекторот па преку играчите до докторите, физиотерапевтите и економите затоа што создадовме семејство кое оствари сон на многу македонски генерации“ – истакна Пандев.
Како и што се очекуваше, Фудбалската федерација на Македонија е избрана за најдобра спортска федерација на 2020 година, селекторот на А-репрезентација, Игор Ангеловски е најдобар тренер, а фудбалската репрезентација е најдобар национален тим.
Најдобра спортистка на годината за 2020 е каратистката Вероника Костовска.
„Овој успех немаше да биде успешен ако беше само мојот труд. Тука е во прашање Огромна благод Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски без кои ова немаше да биде возможно, а секако благодарност до мојата фамилија и моите најблиски. Оваа награда за мене е дополнителн поттик за дополнително успеси во иднина“ – истакна Костова.
Најдобар спортист од лицата со инвалидитет е шахистот Владимир Тркаљанов, млад спортист е каратистот Роберто Ацковски, освојувач на бронзениот медал на Европското карате првенство, а најдобра млада спортистка е каратистката Магдалена Божиновска.
До најдобрите во македонскиот спорт се обрати и Претседателот на Владата, Зоран Заев, искажувајќи честитки за наградите…
„Денешниот ден е важен ден за сите вас, но и за сите нас, затоа што сме тука да го славиме вашиот успех кој нас не радува. Моето присуство на оваа манифестација не е прашање на протокол. Сакам да искажам дека ја имате целосна поддршка и од мене и од македонската влада за сите ваши успеси, цели и амбиции. И во време на пандемија покажавте колку е важен спортскиот дух, колку се важни победите. Затоа и во иднина ќе продолжиме со максимална финансиска поддршка за спортот и преку ваучер-системот со кој годишно се издвојуваат десет милиони евра за спортот. Така и дополнително засилено ќе биде и во иднина“ – истакна премиерот Зоран Заев обраќајќи се до најдобрите македонски спортисти.
НАЈДОБРИТЕ ЗА 2020 ГОДИНА:
СПОРТИСТ: Горан Пандев (фудбал)
СПОРТИСТКА: Вероника Костова (карате)
ФЕДЕРАЦИЈА: Фудбалска федерација на Македонија
ТРЕНЕР: Игор Ангеловски (селектор на фудбалската репрезентација)
НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Фудбалска репрезентација на Македонија
СПОРТИСТ ОД ЛИЦА СО ИНВАЛИДИТЕТ: Владимир Тркаљанов (шах)
МЛАД СПОРТИСТ: Роберто Ацковски (карате)
МЛАДА СПОРТИСТКА: Магдалена Божиновска (карате)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА