Горан Петрески: Излез во Европа е целта на Вардар за оваа сезона!

Вардар сосема (не)очекувано по само две кола од стартот на сезоната се одлучи на промена на тренерската позиција на клубот. На местото на Горазд Михајлов, за нов шеф на стручниот штаб е именуван Горан Петрески кој претходно беше доведен во клубот како негов асистент.

Петрески денеска го презеде раководењето со тимот искажувајќи и ги првите свои очекувања од сезоната како предводник на најтрофејниот македонски клуб.

„Моите амбиции се секогаш да се атакува на првото место. И сега одиме со највисоки цели. По едни тешки години за Вардар сега доаѓаат нови моменти, со нови лица кои сакаат да го вратат клубот на старите патеки и оваа година излез во Европа е нашата голема цел“ – вели Петрески околу амбициите на клубот.

Петрески, првпат во својата тренерска кариера, сега на кормилото на првиот тим на Вардар.

„Вардар е мој клуб, по десет години како фудбалер и десет години како тренер во младинските категории, огромна е честа и задоволството за мене што сега ја добив довербата да го водам и првиот тим. Верувам во овие момци, кои сигурен сум дека можат многу повеќе од досега покажаното. Против Пелистер одиграа навистина храбро со многу борба, повеќе ја посакуваа победата и сосема ја заслужија, за што искрено им честитам“ – истакнува популарниот Чунга-Лунга.

Сега следи тежок натпревар со Шкупи…

„Ова првенство ќе биде исклучително неизвесно, мислам дека сите екипи во Првата лига се генерално израмнети со квалитет. Со Шкупи ќе биде тежок меч затоа што лошо ја стартуваа сезоната, и сигурно сега ќе ги мобилизираат сите сили за добар резултат со Вардар. Но, ние си го гледаме само своето и на овој меч ќе атакуваме на победа и на ништо друго. Јас сум тренер кој сака офанзивен фудбал, и верувам дека за брзо време ќе го покажаме тоа на терен“ – вели Горан Петрески.

Се вчитува...