Презадоволен сум од атмосферата во Букурешт која што имав шанса и јас да ја почувствувам. Голем успех за Македонија како земја е што успеа да биде дел од едно големо фудбалско натпреварување. Кога се во прашање навивачите и сето тоа што се случуваше пет дена во Букурешт јас сум презадоволен. Од друга страна кога е во прашање играта колку и да е успех самиот пласман на ЕП, по три порази не смееме да бидеме задоволни.
Ќе бидам искрен како и секогаш, сметам дека во некои сегменти на шампионатот потфрливме. Дел од играчите одиграа исплашено на Европското првенство и не беа на висина на задачата како на натпреварите против Германија во квалификациите за Светското првенство и мечевите од Лигата на нации против Косово и Грузија.
Како што реков и пред почетокот на шампионатот најквалитетна репрезентација во нашата група беше Холандија. Имаат одлична плејада на фудбалери кои со само еден потег може да те исфрлат и да ти дадат гол. Тоа се случи на натпреварот со Македонија, ни дадоа три фудбалски гола. За разлика од Холанѓаните не беше така на другите два натпревари. Австрија и Украина ни даваа голови од прекини, или од неорганизирани акции.
Проблемот кај нас беше тоа што почнувавме да играме откако ќе примиме гол. Тоа на големи натпреварувања е недозволливо. Вистина е дека имаме помал ростер од другите репрезентации, но мислам дека беше погрешна тактиката. Не треба да му „солиме памет“ на селекторот по крајот на првенството, сепак тоа е негова одлука, но имаше неколку грешки. Лошите замени со Австрија го решија првиот натпревар, а против Украина тотално беше промашена играта во првото полувреме.
Сепак, на крајот како поука може да се каже дека ова е голема школа за нас. Имаме одлична генерација со многу талентирани фудбалери. Мораме да размислуваме за квалификациите за Светско првенство и да се обидеме да се квалификуваме во Катар. Искрено верувам дека ќе има уште многу големи натпреварувања за Македонија.
Горан Пандев мора да биде прогласен за последен „крал на Македонија“. Со него одиграв во репрезентацијата 45 натпревари. Македонија никогаш немала фудбалер како Горан Пандев. Мора секој од нас да му биде благодарен за тоа што го направи. Иако не игра сам секако, но тој го постигна голот кој не одведе на ЕП. Потоа беше стрелец и на првиот гол за Македонија на големите натпреварувања. Многу малку луѓе општо во било која професија имаат толку многу направено за Македонија како тој. Ако ме прашувате мене во „Куќата на фудбалот“ под логото на ФФМ, треба да биде напишано „ГП19“. Одигра 122 натпревари за Македонија, бројка со која ретко кој во фудбалот може да се пофали. Му посакувам среќна пензија и се надевам дека ќе остане да работи во фудбалот. Чест е што имав шанса да ја дела соблекувалната со него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА