ГОРАН ПОПОВ за ЕКИПА: „Верувам во оваа македонска генерација… Момците дишат еден за друг!“

Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!

======================================================================================================================================

Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец и еден од најдобрите левокрилни дефанзивци кои ги имала нашата земја во историјата, Горан Попов не крие дека силно верува во оваа генерација репрезентативци која може да ни донесе и уште поголеми успеси, од веќе обезбедениот пласман на првото историско европско првенство.

Попов е сигурен дека избраниците на Игор Ангеловски може да се пласираат во втората фаза од ЕВРО 2020.

„Верувам во оваа генерација македонски фудбалери. Покажаа дека сите заедно дишат за Македонија и дека атмосферата во репрезентацијата е на големо ниво. Како игра репрезентацијата во последно време, а посебно ако го издвоиме и натпреварот со Германија, верувам дека можеме да ја поминеме групата на Европското првенство. Генерацијата предводена од капитенот Горан Пандев покажа дека од ниту еден противник не се плаши и дека со секого може и сака да се надигрува“, го почна разоговорот за ЕКИПА, Горан Попов. 

СРЕДНИОТ РЕД Е НАЈСИЛНОТО НАШЕ ‘ОРУЖЈЕ’, ОДБРАНАТА Е ПОСЛАБА ОД ОНАА ОД МОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Тој смета дека средниот ред предводен од Енис Барди и Аријан Адеми е најдобриот во историјата. Додава дека веројатно одбраната е најслабата алка, бидејќи особено Дарко Велковски се соочува со многу проблеми и не е стандарден во својот тим.

„Енис Барди и Аријан Адеми се моторот на оваа наша репрезентација. Имаме среден ред како никогаш досега во историјата. Мојата генерација и одбраната која ја имавме тогаш, да имаше средина како оваа сега, многу лесно можевме и ние да играме на големо натпреварување. Морам да бидам искрен дека во мојата генерација со Новески, Васовски, Седлоски, Игор Митревски, одбраната беше подобар дел, ако се споредува со актуелниот тим. И да не бидам погрешно разбран. Не обвинувам никого. Го гледате Велковски одигра неверојатно на мечот против Германија една од најдобрите одбранбени партии, но за жал има многу проблеми со повреди и не е стандарден во својот клуб. Навистина ми е криво бидејќи и тој е одличен фудбалер. Алиоски кој игра на мојата позиција е еден од најдобрите наши фудбалери. Дефанзивно знае некогаш и да направи грешка, но сето тоа го поправа со неговата голема пожртвуваност и борба“, дополнува Попов. 

Поранешниот репрезентативец смета дека многу значи за нашата репрезентација тоа што сите играчи играат во најсилните лиги во светот и поради тоа немаат респект кон ниту еден противник, проблем со кој се соочувале некои претходни генерации.

„Силата на овој тим е и во тоа што сите фудбалери играат во најсилните лиги во Европа. Секоја недела имаат силни натпревари против најдобрите фудаблери во светот и затоа не респектираат никого. Затоа верувам дека можеме да направиме голем успех. Нашата шанса против сите репрезентации е да одиграме цврсто во одбраната и на контри да се обидеме да ги изненадиме. Мислам дека рецептот за успех е да одиграме како против Германија. Доколку одбраната биде на ниво како на тој меч, сигурен сум дека ќе играме во нокаут фазата“ – вели Попов. 

Се вчитува...