Фудбалерите на Беса, под раководство на новиот тренер Горазд Михајлов, и покрај лошите временски услови, веќе неколку дена тренираат во Гостивар, подготвувајќи се за тешка и неизвесна борба за опстанок во Првата лига што ги очекува во продолжението на годинашново првенство. Се наоѓаат во долниот дел на табелата, на десетото место со само 13 бода колку што има и Вардар, и Воска со 12 бода кои го држат дното кое води кон Втората лига. Не се безбедни ниту Тиквеш со 14 бода, па дури и Пелистер и Брера со 19 бода.
Горазд Михајлов, ќе биде четврти, па дури петти тренер на Беса од почетокот на есенската сезона, по Алексндар Таневски, Берат Имери и Бурим Садики, а ако се дополни и Бобан Бабунски кој веќе имаше договор со Беса да ја води во пролетната сезона. Но, по само неколку дена си замина бидејќи некои негови услови за раководството на клубот не беа прифатливи, па договорот пропадна.
Финансиерите на Беса, семејството Таири имаат голема доверба во квалитетите на тренерот Горазд Михајлов, кој заедно со своите помошници Златко Ристов, Бурим Садики, Енвер Рамадани и Иван Таисављевиќ ќе се обиде и идната сезона Беса да игра во прволигашкото друштво. Вербата е силна ако се погледне неговата тренерска кариера последниве години. Како тренер на Тетекс го освои Купот на Македонија во мечот со Шкендија, играше уште едно финале со Ранотнички, пораз со 2-1. По третпат беше финалист во Купот со Силекс, кој тогаш беше второлигаш но загуби на пенали од Македонија ЃП. Следната година успее Силекс да го внесе во Првата лига. Кога го презеде Борец од Велес кој беше член на Втората лига, само за една година стана прволигаш, дури со шанси да излезе на европската сцена, но поради некои турболенции во клубот од група луѓе си замина. И на крајот минатата година како тренер на Вардар успеа преку бараж мечот со Детонит да го спаси да не испадне од Првата лига.
Согласно планот на стручниот штаб, Беса до 27 јануари ќе тренира во Гостивар а потоа ќе се пресели во Охрид до 5 февруари каде треба да одигра и четири пријателски средби, но засега ништо не е договорено, се бараат противници. Единствено се знае деќа Беса на 22 јануари ќе игра со Арсими, а на 26 јануари со Скопје во Гостивар.
Од клубот на крајот на есенската сезона си заминаа Филип Алексовски, Малик Белули, Генс Гаши, Емир Скендери и Илирид Адеми. Нови играчи засега се Јапонецот Јумеми Канда кој дојде од Шкупи и поранешниот играч на Ренова и Шкендија, Шефки Шефити, кој есенва играше за Приштина. Но како што не извести Михајлов, во тек се разговори за ангажман на неколку квалитетни играчи, од кои тројца од странство кои треба да претставуваат големо засилување за Беса.
„Сигурно нема да биде лесно, за Беса секој меч и секој освоен бод ќе биде од големо значење за опстанок во лигата, особено во првите четири кола од продолжението на првенството кога имаме навистина тежок распоред. Играме во гости со Воска и Вардар, дома со Гостивар и Силекс. Јас имам голема доверба во овој состав на Беса, впрочем имав можност како тренер на Брера да го видам, кој според квалитетот на играчите не заслужува да биде во долниот дел од табелата. Затоа и не размислував многу кога ја прифатив понудата да бидам тренер на Беса“ – ни изјави Михајлов.
М. М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА