Најтрофејниот македонски клуб Вардар, на само еден месец пред стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига е и тоа како во незавидна ситуација.
И покрај најавите за доаѓање на силни спонзори, и покрај активните преговори за нови раководители, засега се уште нема дефинитивна одлука. Сето тоа носи длабока неизвесност, пред се кај актуелните фудбалери на клубот но и членовите на стручниот штаб на чело со тренерот Горазд Михајлов, кој и покрај огромните проблеми со кои се соочуваше клубот изминатата сезона, успеа да го спаси Вардар од преселба во Втората лига. Но, и нивното трпение има крај.
Голем е бројот на фудбалерите кои заминаа од клубот како и оние кои се пред заминување. Лука Шушњара, Марјан Ристовски, Муарем Мујазиновиќ, Суса Кеба, Јорго Папули веќе најдоа нови клубови, а пред заминување се и Марјан Алтипармаковски и Дејан Ѓуриќ. Речиси сите прволигашки клубови веќе ги започнаа и подготовките за новата сезона, некои веќе играат и пријателски средби, а во Вардар засега нема најава ниту за почетокот на подготовките.
„Навистина незнам што да кажам. Подготвив план за подготовки, разговарав со некои клубови да одиграме пријателски средби. Но, засега ништо од тоа“ – вели тренерот Горазд Михајлов во разговор за ЕКИПА, и дополнува:
„Играчите ми се јавуваат, прашуваат кога ќе стартуваме, не знаат што да прават, дали да си заминат или уште да чекаат. Да бидам искрен, не знам што да им одговорам, кого да прашам дали има некоја надеж клубот да заживее. Ниту пак некој ми се јавува за да ме извести дали ќе се најде некое решение да се излезе од оваа веќе неиздржлива ситуација. И да почнеме со подготовките, каде ќе тренираме, ние немаме свои соблекувални, свој терен. Не знам каква е ситуацијата на стадионот ‘ Борис Трајковски’, бидејќи и таму имаме некој долг. Не знам, ќе видиме, сите сме во исчекување“.
Иако има неколку сериозни понуди од странство, Горазд Михајлов, кој е дете на Вардар, сака да остане во клубот, да помогне да го врати реномето што го имаше, но сепак и тој не е семоќен. Не се ниту „Комитите“, кои кога беше најтешко го спасија Вардар од најлошото – да згасне, но без помош од градот, од спонзорите, тешко ќе можат да ја санираат сегашната, мошне лоша финансиската положба на клубот.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА