Неочекувано, пред почетокот на подготовките за пролетната сезона во Првата лига, Брера Струмица остана без тренер. Досегашниот шеф на стручниот штаб Горазд Михајлов спогодбено го раскина договорот со клубот и си замина. Оние што се добро упатени во состојбите на Брера во текот на есенската сезона, го очекуваа овој потег на Михајлов, кој се бореше со многуте проблеми, најмногу со финансиски бидејќи речиси пет месеци фудбалерите немаа плата ниту премии за постигнатите победи. Поради тоа зачестија протести на стандардните првотимци, некои одбиваа да играат, бараа да им се исплатат парите од спонзорот, фирма од Соединетите Американски Држави.
Некои фудбалери пред да заврши есенското првенство го напуштија клубот, тренерот Михајлов беше принуден постојано да прави ротации во екипата, да им дава шанса на младите играчи, често и јуниори кои го носеа товарот но сепак, и со овој скрпен тим Брера собра 19 бода и се пласира во средина на табелата. За жал, речиси сите играчи од првиот тим, на крајот на есенската сезона си заминаа од Брера, беа слободни со оглед дека клубот не ги исполнил своите обврски кон нив. Најпрвин сите пет странски фудбалери се збогуваа со клубот и ја напуштија Струмица потоа добија исписници и Тодоровски, Јанкулов, Ристевски, Митев. Ристов…, преку ноќ Брера остана без целата стандардна постава, си заминаа дури и двајца младинци, во Спартак од Суботица и сега Брера ќе има големи проблеми повторно да создаде тим кој ќе може да игра во Првата лига. И што е уште поинтересно, во текот на вчерашниот ден спонзорот целосно ги исплатил сите долгови кон играчите, тренерите и вработените во клубот така што на никого не должи ниту денар.
Сега се поставува прашањето, за кое сега немаме одговор, зошто толку долго се чекаше да се исплатат сите долгови кон играчите и тренерите, зошто се дозволи пред пролетниот старт Брера да остане без квалитетни играчи, речиси со јуниори. Или пак како што неофицијално дознаваме, спонзорот од Америка, веќе почнал да спонзорира два нови клуба во Италија и ги крева рацете од Брера!? Од Брера си замина и Горан Пандев кој даде оставка на претседателската функција поради новите обврски во Фудбалската федерација на Македонија.В
Во ваква ситуација, без оглед на сите исплати, премногу задоцнети, тренерот Горазд Михајлов го раскина договорот со клубот, не сакајќи повторно да почнува од почеток, да создава нов тим како што тоа беше со Борец од Велес кога го внесе во Првата лига и скопски Вардар, кој успеа да го спаси од испаѓање од прволигашкото друштво.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА