Ракометарките на Ѓорче Петров имаат голема негатива во пресрет на реваншот од квалификациите за Лигата на Европа, откако македонските шампионки попладнево загубија на првиот меч против Х65 со резултат 29-21. Шведскиот тим го контролираше резултатот во текот на целата средба, но во финишот успеа дополнително да се одлепи и значително да си ја олесни задачата пред реваншот во Скопје.
Македонскиот шампион летово се засили со неколку ракометарки, но и со таков состав не успеа да стигне до подобар резултат на ова гостување. Ѓорче Петров во 26. минута дојде на само еден гол негатива (11-10), но домаќинките подобро го завршија мечот и на одмор заминаа со три гола предност (14-11). Избраничките на селекторот Симовски ја одржуваа негативата до 22-19, по што Швеѓанките повторно заиграа одлично во одбраната, во преостанатите 10 минути примија само два гола и на крајот славеа со убедливи „плус осум“.
Муратовиќ со осум и Дезиќ со пет гола беа најефикасни во редовите на Ѓорче Петров, а голманката Габина Лима имаше дури 16 успешни интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА