Лина Ѓорческа втора година по ред не успева да ја мине првата пречка од квалификациите за УС Опен. Откако лани беше поразени од Сиси Бејлис, македонската тенисерка немаше поголем успех ниту годинава, губејќи на дуелот со Дестани Аиава од Австралија со 1-2 во сетови.
Нашата најдобра тенисерка има за што да жали ако се има во предвид извонредниот настап се до половина од вториот сет, кога Ѓорческа целосно доминира, но потоа дојде до огромен пад во нејзината игра, што и овозможи на Аиава целосен пресврт.
Лина одигра фантастичен прв сет (6-4) во кој не и дозволи на противничката ниту една брејк шанса, а потоа на самиот старт од вториот сет направи брејк. Се до водството од 6-4, 3-2 и 30-0 Ѓорческа делуваше супериорно, во седумте гејма на свој сервис дозволувајќи и на Аиава само шест поени. Сепак, потоа дојдоа проблемите, Австралијката израмни на 3-3, а нешто подоцна и го доби вториот сет со 4-6.
Таа доби на самодоверба, Ѓорческа веќе не делуваше така моќно, па тенисерката од Австралија направи брејк при 2-1, создавајќи си предност што ја одржа се до конечните 3-6 во решавачкиот сет.
Вистинска штета, со оглед на одличниот ритам на Македонката во првиот сет и половина, што не успеа да го задржи до самиот крај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА