Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го загуби мечот од првото коло на ИТФ фјучрс турнирот во Шпанија што се игра во Лес Франкуесес дел Валес (Барселона) за награден фонд од 100.000 долари (тврда подлога – отворено). Таа загуби од Французинката Наиа Берекоечеа со 2-1 во сетови (64 16 62) по 2 часа и 9 минути игра.
Самиот меч имаше неизвесен тек. Во првиот сет првиот брејк го напарви македонската тенисерка и поведе со 3:2 во гемови, но потоа следуваше мини-серија од три гема за противничката која поведе со 5:3. И во следните два гема имаше брејк (одземен сервис), но тоа и донесе водство на Берекоечеа (388. место на ВТА) од 1-0 во сетови откако сетот заврши со 6:4.
Ѓорческа имаше целосна контрола над играта и резултатот во вториот сет. Поведе со 4:0 во гемови, а единствениот гем Французинката го освои на свој сервис во петтиот гем од сетот кога беа одиграни рекордни 16 поени. На крајот македонската тенисерка го доби сетот со 6:1 во гемови.
Во решавачкиот сет по 1:1 во гемови имаше три брејка и водство за Берекоечеа од 3:2 во гемови, по кое Французинката ја искористи предноста и ги освои следните три гема и го доби сетот со 6:2 во гемови.
Во следната недела Ѓорческа е пријавена за настап на ИТФ фјучрс турнир во Хамбург, Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА