Лина Ѓорческа продолжува со одличниот настап на турнирот во Тунис, што се игра за награден фонд од 60.000 долари. Македонската тенисерка стигна до полуфиналето во сингл, откако во денешниот интересен дуел успеа да слави над Силвија Солер Еспиноза од Шпанија со 2-1 во сетови.
Иако против себе имаше ривалка со значително подобар пласман на ВТА-листата (Шпанката е на 156. место на последното рангирање, наспроти 202. позиција на Ѓорческа), нашата тенисерка уште еднаш ги потврди своите квалитети, стигнувајќи до огромна победа. Еспиноза прва поведе освојувајќи го првиот сет со 4-6, но потоа Ѓорческа доминираше, славејќи со 6-1 во вториот, а потоа и набрзина поведувајќи со 3-0 во решавачкиот сет. Ривалката од Шпанија успеа само да се приближи до 3-2, по што следеше нова извонредна серија на Ѓорческа, за триумф во третиот сет од 6-2.
Лина за противничка во полуфиналето ќе ја има подобрата од последната четвртинална пресметка на овој турнир, меѓу Петра Мартиќ од Хрватска и Катарина Кава од Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА