ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонската репрезентација одигра одличен меч на отворањето на СП 2025, по голема борба ремизирајќи со Унгарија со 27-27. Фаворитот во групата беше на колена, во долги периоди нашата репрезентација доминираше на теренот, па иако овој бод е огромен, останува тагата што оваа беспрекорна партија, со извонредните навивачи на трибините, не беше крунисана и со триумф.
Мечот го стартувавме со проблеми во одбраната, Зоран Илиќ во првите шест минути ни даде четири гола и Унгарија веќе имаше предност од 2-5. Успеавме да ја консолидирме одбраната, добивме на сигурност и во нападот, па со неколку погодоци од полуконтра се вративме во натпреварот. Капитенот Кузмановски погоди за израмнување на 5-5, а веќе во следниот напад реализиравме преку Серафимов и дојдовме до првото водство на натпреварот (6-5).
Противникот беше во шок, а Македонија предводена од Митревски и од Костески доминираше на теренот, поведувајќи со 8-5 и принудувајќи го Чема Родригез да побара тајмаут. Нашите ракометари во неколку наврати имаа „плус три“, но падот на концентрацијата и двата промашени пенала во финишот од полувреме придонесоа на одмор да заминеме со израмнети 14-14, иако во овие 30 минути бевме поквалитетен ривал од главниот фаворит во групата.
Второто полувреме почна со израмнета игра на двете страни, а Лазаревски постигна фантастичен гол од пивот за израмнување на 17-17. Судиите од Шведска во овие моменти им помогнаа на Унгарците подарувајќи им напад што тие го претворија во погодок за ново водство, но и тие не можеа да останат слепи по бруталниот старт над Кузмановски, за кој Золтан Жита доби директен црвен картон. Предноста од играч повеќе ја искористивме токму преку капитенот Кузмановски, кој со својот седми гол донесе израмнување од 19-19 во 43. минута.
Унгарците продолжија со неспортска игра, па крилото Имре го погоди во главата голманот Митревски, за што доби исклучување. И повторно Кузмановски даде важен гол, овојпат во празна мрежа, за водство од 20-19 и тотална еуфорија меѓу „фалангата“. Митревски имаше уште една одбрана, а селекторот Лазаров беше тој што побара тајмаут, за да не дозволи еуфорија во нашата игра. За жал, промашивме од крило преку Атанасијевиќ, а Лекаи казни на спротивната страна, па во последните 15 минути се влезе со израмнети 20-20.
Мајсторски одработевме уште една акција со која ги излудевме Унгарците, Велковски остана сам на крило и беспрекорно реализираше за ново водство на Македонија (22-21), по што Чема Родригез мораше да побара тајмаут. Унгарија влезе во ритам и набрзина поведе со 22-23, но нашите асови не се предадоа, враќајќи се и преку Јагуриновски израмнувајќи на 24-24. Лазаревски доби исклучување, но и со играч помалку дадовме гол во празна мрежа, преку Никола Маркоски откако противниците не реализираа „седум на пет“. Чема упорно инсистираше на таа тактика, но Македонија на голот го имаше големиот Никола Митревски, кој одбрани уште еден зицер. За жал, во следниот напад наивно ја загубивме топката, па Лекаи погоди од сопствената половина и во последните пет минути се влезе со израмнети 25-25.
И повторно мајсторски почнавме акција од Митев, што Јагуриновски ја заврши со гол од крило, за наше водство од 26-25 на помалку од три минути до кајот. Бодо израмни на 26-26, но Кузмановски презеде одговорност како вистински лидер и погоди уште еднаш, од девет метри за наше водство од 27-26.
Митревски ја круниса извонредната партија со уште една одбрана, па Македонија влезе во последната минута со „плус еден“ и со напад. Лазаров зеде тајмаут, но одигравме почетнички, ја загубивме топката и дозволивме Унгарија да се спаси, во последните секунди да стигне до израмнување.
Филип Кузмановски беше клучна фигура во нашиот напад со девет гола, а по три пати прецизни беа Митев и Велковски. Митревски бранеше одлично и со 12 одбрани даде огромен придонес за овој фантастичен резултат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА