Точно еден месец од ужасната трагедија која ја потресе Македонија. И се уште нема зборови, се уште силна тишина, тага и болка, која денеска ќе биде поделена и меѓу двата пријателски клубови уште од поранешна Југославија, но во исто време и секогаш лути ривали, нашиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар и поранешниот европски шампион Црвена Звезда.
Многу гости од соседна Србија заедно со, сигурно, повеќе од 25.000 љубители на фудбалот вечерва на арената „Тодор Проески“ од 20 часот, во спомен на сите жртви од трагедијата во Кочани, на хуманитарниот натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда кој треба да ги обедини сите спортски фанатици.
„Во вакви моменти се обединува секој пријател. А, Вардар и Црвена Звезда сигурно се големи фудбалски пријатели, пред се затоа што ги обединуваат голем број заеднички фудбалери од минатото. Меѓу сите нив секако и најголемото име на двата клуба – Дарко Панчев, за кого сум навистина горд, што токму од него потекна иницијативата за хуманитарен меч меѓу двата клуба, но и хуманитарна средба на репрезентациите на Македонија и Србија следниот месец“ – пишува пред натпреварот легендарниот српски спортски новинар Јован Јовановиќ, кој како најава за денешниот меч во Скопје потенцира дека ваквите натпревари меѓу најдобрите фудбалски клубови од регионот треба да бидат почести и во иднина.
„Се уште и во Србија никој не може да ја заборави трагедијата во Кочани. Меѓу првите лица кои ние од Спорт клуб ги побаравме уште првиот ден по трагедијата беше Дарко Панчев и ме облеа гордост за покрената иницијатива за овие хуманитарни натпревари кои ќе значат спомен но и мала помош за семејствата на сите настрадани. Се сеќавам на зборовите на Дарко веднаш по трагедијата: ‘Среќен сум што Пикси Стојковиќ и Звездан Терзиќ веднаш ме поддржаа во идејата за овие натпревари. Срцето се кине, ова е нешто каде целиот регион се обединува, за да можеме сите да покажеме дека сме луѓе, и сме, луѓе сме! Огромна почит за потегот, за подадената рака, за обединувањето и на сите вардарци во едни вакви моменти’“ – вели Јовановиќ.
А, Вардар и Црвена Звезда имаат зад себа огромна историја меѓусебни натпревари во поранешна СФРЈ. Но, по распадот на Југославија имаат само еден меѓусебен дуел и тоа на 5. ноември 1995 година во Скопје.
Тогаш во снежното Скопје славеше Вардар со 3-0, со головите на Горан Петрески, Митко Стојковски и Џевдет Шаиновски.
Тогаш на трибините имаше само 3.000 луѓе, а вечерва се очекуваат повеќе од 25.000 навивачи кои ќе го одбележат мечот во спомен на жртвите од трагедијата во Кочани, и за помош на семејствата на настраданите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА