Ѓоре Јовановски: Мисијата успешно комплетирана

Работнички со одличен финиш на сезоната успеа да заврши на третото место на табелата во Првата фудбалска лига на Македонија и избори пласман во Лигата на Европа. Целта е исполнета, мисијата на шефот Ѓоре Јовановски и на фудбалерите е комплетирана.

„Работевме напорно, честитки за фудбалерите кои издржаа огромен притисок и вложија големи напори, но сега со задоволство можеме да кажеме дека мисијата е комплетирана. Целта на клубот беше да обезбеди повторно учество во европските купови и среќни сме што успеавме да го реализираме тој план. Морам да кажам дека тимот одигра феноменално оваа пролет, надоместивме двоцифрена бодовна разлика и на крајот завршивме на посакуваната трета позиција“, изјави тренерот Ѓоре Јовановски за официјалниот сајт на клубот.

Фудбалерите веќе добија заслужен одмор, а стручниот штаб од утре ќе продолжи со работа со фудбалерите од младинскиот погон. Полека ќе се селектира тимот за следната сезона, за настапите во Лигата на Европа, но и за предизвиците во новиот шампионат, а секако се очекуваат и нови засилувања во „Градски парк“.

Се вчитува...