Ѓоре Јовановски: Пелистер е минато, веќе мислиме на Вардар

Тренерот на Работнички, Ѓоре Јовановски, го изрази своето задоволство од изданието на „романтичарите“ против Пелистер, но и потенцира дека тимот е веќе фокусиран на следниот натпревар против Вардар. В среда, со почеток во 15 часот, на арената „Филип Втори“ ќе се игра соседското дерби меѓу Вардар и Работнички.

„Сакам да упатам честитки до фудбалерите на двете екипи за залагањето, затоа што навистина не е лесно да се игра натпревар на околу 35 степени Целзиусови во април. Задоволни сме од триумфот, мислам дека е потполно заслужен според прикажаната игра, но веќе сме фокусирани на следниот натпревар против Вардар. Ваков ритам е исцрпувачки, но мислам дека е многу добра работа и за фудбалерите, но и за нас тренерите во Македонија, бидејќи мораме да се вклопиме во европскиот стил на фудбалско функционирање. Што се однесува до Вардар, не треба да трошиме зборови за големината на ривалот, иако можеби во моментот и не се во најдобра форма. Но, на дуелите меѓу Вардар и Работнички тоа никогаш не било пресудно, туку желбата, мотивацијата и моменталната инспирација“, изјави шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски, за официјалниот сајт на клубот.

Се вчитува...