Работнички е веќе во Будимпешта, и во следните два дена ќе се подготвува за реванш натпреварот од првото квалификациско коло во Лигата на Европа против унгарскиот претставник Хонвед. По првиот меч, „романтичарите“ имаат предност од 2-1, и реални шанси да се надеваат на пласман во следната рунда. Реваншот ќе се игра во вторник, со почеток во 18 часот, на стадионот „Јожеф Божик“.
Тренерот Ѓоре Јовановски потенцира дека најважно е што фудбалерите увидоа дека можат да се носат и да се надигруваат со унгарскиот тим.
„Најважно е што фудбалерите увидоа дека можат апсолутно да се носат со Хонвед. Во прв момент, славното име на клубот, фактот дека доаѓа од земја која има релативно поквалитетна лига, делуваше можеби и малку да бидат импресионирани. Но, по одиграниот прв меч, сега добро знаеме дека и ние имаме квалитет, за да се бориме рамноправно и да се обидеме да го елиминираме противникот. Апсолутно го респектираме Хонвед, но и знаеме дека ова е мошне значаен меч за нас, и така му приоѓаме. Дојдовме во Будимпешта да се надигруваме, нема да се браниме и ќе се трудиме да постигнеме гол. Имаме мала предност, но ќе го почнеме вториот натпревар како да е 0-0, по деелот во Скопје. Само така можеме да ја оствариме целта“, вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски, за официјалниот сајт на клубот.
Судија на мечот Хонвед – Работнички ќе биде Романецот Мариуш Аврам. Ќе му помагаат Кристијан Орбулет и Владимир Урзика. Четврти судија е Јулијан Калин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА