Ракометарите на Металург утре на домашен терен против Адемар Леон ќе го одиграат последниот натпревар во групната фаза во Лигата на Европа. Голманот на „металурзите“ Даниел Ѓорѓески вели дека тој и неговите ракометари едноставно нема што да загубат.
„Нè чека тежок дуел со Адемар Леон. Но, за нас ова е последен натпревар во Европската лига, на кој нема што да загубиме и верувам дека ќе бидеме многу мотивирани. Мислам дека ова би требало да биде еден од најдобрите наши натпревари оваа сезона. Секако дека можевме многу подобро, но имавме многу проблеми со повредени играчи и ковид-19 и никако да се склопиме, посебно овој втор дел каде што не можевме да обработиме ни тренинг. Но, сега полека се комплетираме, ни фали уште Велко Маркоски со кого сигурно ќе бевме посилни во одбраната и ќе имавме поголема ротација за овој меч“, вели Ѓорѓески.
Крилото на тимот од Автокоманда, Милан Поповиќ се сложува со својот соиграч дека коронавирусот направи големи проблеми во тимот, но вели дека и покрај се тој и соиграчите ќе дадат максимум на овој натпревар.
„Сите знаеме каква екипа е Адемар Леон, покриена е на сите позиции со квалитетни ракометари и константно напредува. Доказ за тоа се и победите над Висла Плоцк и над Чеховски Медведи. Од друга страна, Металург сè уште има проблеми со вирусот и затоа не можеме да ветуваме атак на бодови на овој дуел. Она што можеме да го ветиме е дека ќе го дадеме максимумот од себе, а овој дуел ќе го искористиме за да се воиграме за вториот дел од Суперлигата. Искрено не сум многу задоволен од досегашните резултати, затоа што имавме големи очекувања. Но, за жал оваа слика е реална, бидејќи имавме многу проблеми“, вели Поповиќ.
Натпреварот меѓу Металург и Адемар Леон ќе се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 18:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА