Ѓорѓески како Штербик, Вардар рутински против Војводина

Девети натпревар, девета победа за Вардар во регионалната СЕХА лига. Во дуел кој повеќе наликуваше на полесен тренинг, вардарци ја победија Војводина со 37-22  и ја продолжија фантастичната серија 18 натпревари без пораз сезонава во СЕХА и во Лигата на шампионите. За разлика од натпреварите во ЛШ, овој пат Вардар стигна до убедлив триумф и без помош од Арпад Штербик кој на овој меч остана на клупата, но имаше одлична замена во Даниел Ѓорѓески

Почетното водство од 4-1 беше само најава за уште едно доминантно издание на „црвено-црните“. Свесни за силата и квалитетот на противникот од српскиот тим настојуваа колку-толку достојно да одговорат на предизвикот и да држат пристојна разлика. На крајот од првиот дел Вардар имаше предност од 17-13.

DD1_5213_original

Рутински и без премногу напор, вардарци ја задржаа доминацијата и во второто полувреме и за десет минути игра ја удвоија предноста (23-16). Во одлично издание на голот на Вардар беше Даниел Ѓорѓески кој одбрани два седмерци во серија и им зададе дополнителни проблеми на ракометарите на Војводина кои тешко минуваа покрај одбраната на Вардар и уште потешко доаѓаа до реализација. На стартот од последната четвртина, вардарци стигнаа до двоцифрена предност (28-18) и обезбедија уште една убедлива победа во СЕХА лигата.

DD1_5336_original

Доминацијата  и сигурната предност му оставија простор на тренерот Раул Гонзалес да им даде поголема шанса и на играчите кои во натпреварите од Лигата на шампионите вообичаено се на клупата. Покрај Ѓорѓески кој имаше одлично издание на голот и заврши со 18 одбрани од кои и два одбранети седмерци, својата шанса на терен ја искористи и репрезентативното крило Мартин Поповски кој беше и прв стрелец во составот на Вардар со 10 гола. Шест погодоци постигна Рожерио Мораеш, а по четири гола запишаа Владо Недановски и Вуко Борозан. Кај Војводина листата на стрелците ја предводеше Душан Трифковиќ со шест гола.

Во следното коло од регионалната СЕХА лига, следува македонското дерби во кое Вардар на 9 декември ќе му биде домаќин на Металург.

Се вчитува...