Ракометарите на Алкалоид се подготвени за предизвикот што го носи утрешниот дуел со Драгунас Клаипеда од Литванија, прв дуел од двомечот со претставникот од Литванија (сабота, 19 часот, сала Автокоманда).
„Сино-белите“ се наоѓаат во одлична форма, избраниците на Кире Лазаров редат победи од самиот старт на сезоната, низа што ќе настојуваат да ја продолжат и на утрешниот прв европски дуел.
„Ние минатата сезона почувствувавме што значи играњето во европските натпреварувања, но сезонава ќе биде сосема поинакво искуство. Имавме добар старт на сезоната, седум победи по ред во Супер-лигата и освоениот трофеј во Супер-купот на Македонија и тоа позитивни влијае врз целиот тим. Прв противник ни е екипа од Литванија. Како капитен можам да кажам дека нашата екипа е спремна, мотивирана и со нетрпение го чекаме стартот на натпреварот. Ги анализиравме, се подготвувавме за нив, сега е редот да одиграме. Публиката секогаш ни е важен фактор и се надевам дека салата и на овој натпревар ќе биде полна, а на крајот заедно ќе се радуваме“, изјави капитенот Игор Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА