Македонската одбојкарска репрезентација вчера го одигра вториот натпревар од турнирот за квалификации на Европско првенство. Силната Турција ја победи Македонија со резултат од 3-1, па сега единствена шанса за нови неопходни бодови ќе се бара против Босна и Херцеговина, репрезентација што ја победивме во првиот дуел, а која денес повторно ќе биде наш противник.
Капитенот на Македонија, Никола Ѓорѓиев, во изјава за ЕКИПА вели дека поразот од Турција е лекција, а денешниот натпревар против БиХ е клучен за остварување на европскиот сон.
„Фаворизираната Турција не порази, но видовме дека можеме да се носиме и со нив. Треба да гледаме позитивно на работите, овој дуел послужи да си докажеме дека можеме да се пласираме на Европско првенство. Денес е денот „Д“, нема калкулации против Босна и Херцеговина, ќе го дадеме нашиот максимум и одиме само на победа“, изјави Ѓорѓиев.
Македонската одбојкарска репрезентација денес ќе игра против Босна и Херцеговина, овој натпревар ќе биде одигран во Спортскиот центар Борис Трајковски со почеток од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА