ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Се поголем е бројот на Македонци кои доаѓаат во Виена за да им дадат поддршка на ракометарите на утрешниот дуел со Чешка. На трибините на „Штадхале“, утре ќе се најде и најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓоргиев, кој пристигна денеска во Австрија, а вечерва мина кратко време и со ракометните репрезентативци, посакувајќи им среќа на наредните натпревари.
„Како репрезентативец на Македонија знам колку значи да се има поддршка од нашите навивачи од трибините. Бев пресреќен по победата над Украина, сега дојдов во живо да ги поддржам во обид да забележат нови успеси. Се надевам дека утре заедно ќе се радуваме“, истакна Ѓоргиев.
Капитенот на одбојкарската репрезентација повика на сплотеност на јавноста, за целосна поддршка до ракометниот национален тим.
„Јас сум капитен на одбојкарската репрезентација и секогаш повторувам дека колективот е посилен од секој играч одделно. Затоа и мислам дека не треба да се издвојуваат поединци, бидејќи сите момци играат за Македонија, ги бранат боите на нашата земја. Потребно е да чувствуваат целосна поддршка за да играат уште подобро“, порачува Никола Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА