Првото коло од новата сезона во Супер-лигата ќе биде комплетирано со дербито на првата рунда во кое Алкалоид ќе го пречека тимот на Охрид (18.30 часот, сала „Автокоманда“).
Избраниците на Кире Лазаров во претходната година ги добија сите дуели со овој ривал, охриѓани во меѓувреме значително го засилија играчкиот кадар, го доведоа и Србинот Ројевиќ за ннов тренер, па нема сомнеж дека ќе сторат се за веќе во првото коло да приредат изненадување против еден од најдобрите тимови во лигата.
Во таборот на Алкалоид сепак постои оптимизам дека со добра игра и сигурна победа ќе биде отворена новата натпреварувачка сезона.
„Охрид е квалитетна екипа што летово дополнително се засили. Тие ќе сакаат од самиот почеток да дојдат до позитивен резултат, но истото важи за нас. По елиминацијата од Европската лига сега целосно ќе се фокусираме на домашните обврски, почнувајќи токму од овој натпревар. Ги респектираме охриѓани, но Алкалоид ќе стори се за да слави и победнички да ја стартува сезоната. Впрочем, играме во нашата сала, пред нашите верни навивачи и верувам дека со добра игра ќе стигнеме до резултатот што сите го посакуваме“, истакнува капитенот на Алкалоид, Игор Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

