Капитенот на Алкалоид, Игор Ѓоргиев, се повеќе презема одговорност во играта по повредата на Марко Митев и постигнува важни голови за „сино-белите“, а за македонскиот тим ќе биде многу важно Ѓоргиев да продолжи во ист стил и на неделниот дуел од ЕХФ Европскиот куп
„Пред нас е натпревар од огромно значење, прво европско полуфинале за Алкалоид. Ова е голем момент за нашиот клуб, но и за македонскиот ракомет, како екипа сме горди што успеавме да стигнеме до овде и да се бориме за едно европско финале. Ќе играме со Рунар, тим што е склоп од искусни и од млади играчи, инсистираат на брз и модерен ракомет во текот на сите 60 минути. Првиот меч го играме дома, пред нашата публика, ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат да ни дадат поддршка, да бидат нашиот седми играч на патот кон историско финале“, изјави Ѓоргиев на денешната прес-конференција.
„Имаме проблеми со отсуство на неколку клучни играчи. Како капитен, а и заедно со сите други ракометари, свесни сме дека можеме да дојдеме до врвни резултати само ако играме врвно на колективен план. Имаме раст во формата на тој колективен план и треба да продолжиме ако сакаме да стигнеме до посакуваниот резултат, како на овие претстојни европски натпревари, така и во македонскиот плејоф“, додаде капитенот на Алкалоид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА