Ѓоргиев и Карасманакис: Нема откажување и покрај „минус десет“, ќе се бориме до крај

Само теоретски се шансите дека тимот на Алкалоид ќе успее да направи подвиг и да ги надополни оние „минус десет“ од првиот меч со Хановер во квалификациите за влез во Лигата на Европа на ЕХФ.

Сепак, сите во таборот на македонскиот тим се максимално мотивирани да покажат дека оној убедлив пораз во Германија не е реална слика за односот на силите на двете екипи.

„ Сега пред нас е реваншот во нашата сала во Автокоманда… на првиот меч екипно имавме лош ден пред се во реализацијата на чисти одработени ситуации, што е недозволиво против еден таков ривал. Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниту еден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме, 60 минути ќе оставиме срце на терен. Исто така, пред натпреварот го добиваме тој европски пехар, па затоа ја повикувам нашата публика да дојде, заеднички да се израдуваме “, истакна капитенот Игор Ѓоргиев на денешната прес-конференција.

Борба за секоја топка и обид да се стигне до победа најави и пивотот Валентин Карасманакис.

„Играме со многу тежок ривал од Бундес-лигата, имавме лош ден екипно во Хановер, но в сабота пред нас е нов меч. Сакаме да дадеме 100% на терен, максимална борба и ако ни се укаже шанса да стигнеме и до позитивен резултат “, изјави Карасманакис.

Се вчитува...