Македонската одбојкарска репрезентација утре против Косово, на гостински терен, влегува во групниот сегмент од Сребрената Европска лига. Нашиот тим, покрај со соседот, во прелиминарната фаза ќе се соочи и со Летонија и со Австрија. За македонската репрезентација натпреварите во групата нема да имаат големо резултатско значење со оглед дека има загарантирано учество на завршниот турнир на четирите најдобри селекции бидејки нашата земја ќе биде домаќин на завршницата.
Капитенот на македонскиот состав, Никола Ѓоргиев, признава дека Косово е непознат противник за нашиот тим, но тој го потенцира значењето на нашата игра во обидот за реализација на конечната цел.
„Ние сме си конкуренција сами на себе. Ако ние одиграме како што треба во тој случај можеме да ја оствариме целта во годинашниот настап, а тоа е трофеј. Во оваа репрезентација има тројца или четворица кои што знаат како е да се игра финале, другите претходно не беа во тимот или седеа на клупата. Така што ние неколумина поискусни треба да ја промениме плочата во глава за работите оваа сезона да бидат како што планираме“– вели Ѓоргиев.
И селекторот Травица потенцира дека македонскиот тим треба да биде фокусиран на својата игра и од натпревар во натпревар да биде во подобра форма очекувајки го Ф4 турнирот.
„Косово за нас е тотална непознаница, но тоа не е проблем затоа што нашиот фокус е ние да играме според договореното. Треба да дадеме максимум, но тоа во моментов не е многу поради персоналните проблеми овие шест натпревари ке ги користиме за темпирање на формата за завршниот турнир и се надевам дека тогаш ќе бидеме максимално подготвени“ -изјави пред заминувањето за Косово, селекторот Љубомир Травица.
Македонската репрезентација во воведните три натпревари од групата ќе биде без Ѓорги Ѓоргиев. Првиот техничар има повреда на коленото. На повреди се жалеа и Љафтов и Маџунков, но тие ќе бидат во екипата.
Натпреварите од групата во Сребрената Европска лига ќе бидат одиграни во периодот од 20 мај до 6 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА