Македонскиот репрезентативец Игор Ѓоргиев и во новата сезона ќе биде капитен на РК Алкалоид, откако ја доби оваа одговорна задача од стручниот штаб на чело со Кире Лазаров.
Ѓоргиев имаше неколку блескави изданија во финишот од сезоната, по повредата на Марко Митев, а во ситуација кога првата „ѕвезда“ на титот се уште е повредена, капитенот ќе има уште поголема одговорност во атакот на што подобри резултати на стартот од сезоната.
„Не очекува подготвителен период, во кој првата недела ќе сме во Скопје, а потоа ќе заминеме во Маврово. Ќе гледаме да се спремиме најдобро на физички план, исто така и психички да се држиме како тим и да изградиме една хемија. Целиме од старт добро да ги вклопиме новите играчи во нашиот систем. Ние како тим имаме свои предизвици и цели, прво сакаме подготовките да ги минеме во најдобар ред и сите да сме здрави. А, потоа, се знае, на секој меч одиме на победа“, истакнува Ѓоргиев.
Прв предизвик за Алкалоид ќе биде дуелот од ЕХФ Европската лига каде македонскиот тим за ривал го доби бундеслигашот Хановер.
„По освоениот трофеј во Европскиот куп ни следи нов предизвик, тоа е настап во квалификцаиите на Европската лига на ЕХФ каде имавме незгодна ждрепка и за ривал добивме тим од Бундеслигата. Но, нашиот менталитет во Алкалоид е секогаш да одиме на победа. Ние ќе го дадеме нашето најдобро, па се надеваме на најдобар епилог“, порачува капитенот на Алкалоид.
Тој очекува и неизвесна битка кога станува збор за трката за највисок пласман во шампионатот на Македонија.
„Во првенството на Македонија ќе биде исто така интересно, лигата е засилена и изедначена. Има четири тима кои се издвојуваат на врвот, ние сме еден од нив, но и другите нема да ги потценуваме. Наше е да се бориме на секој меч, да бидеме максимално фокусирани и ангажирани и да ги следиме и слушаме советите на нашиот тренер, со цел да дојдеме до што е можно подобри резултати““, вели Игор Ѓоргиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

