Капитенот Никола Ѓоргиев не го криеше задоволството откако македонската репрезентација славеше на вчерашниот дуел со Азербејџан, прва победа на нашите одбојкари во Златната лига оваа година.
Противникот беше целосно надигран и разбиен, а ако се знае дека овој меч важеше за „генералка“ пред клучниот дуел со Грузија во квалификациите за ЕП 2025, јасно е зошто во нашиот репрезентативен табор владее големо задоволство.
„Би сакал да им честитам на сите момци, одигравме онака како што се договоривме. Многу е важно што одигравме многу искусно, без грешка.. како што рековме и пред мечот, требаше да им ја дадеме топката и да се фокусираме на нашата блок-одбрана сето тоа функционираше беспрекорно и ни ја донесе победата. Тројниот блок ни функционираше одлично, одбраната одлична, приемот ни беше феноменален, така што јас сум презадоволен. Ако ова беше главната проба пред дуелите со Грузија во квалификациите за ЕП, можам да кажам дека не очекува едно убаво лето“, вели Никола Ѓоргиев.
Македонските одбојкари денеска во 15 часот ги очекува тежок дуел со домаќинот Белгија, но капитенот повикува на борба со која би ги замрсиле сметките на големиот фаворит.
„Пред нас е нов предизвик, дуел со Белгија. Најлошо ќе биде ако се задоволиме со победата над Азербејџан. Според некои мои пресметки ќе завршиме како десетти во оваа Европска лига, што е подобар пласман од лани, но зошто да не обидеме да оствариме уште подобар резултат. Белгија е квалитетна селекција, според мене коректорот се центарот се играчи од светска класа, останатите играчи се на наше ниво. Видовме дека на вчерашниот дуел Белгијците се мачеа, не одиграа на којзнае какво ниво. Се ќе зависи од нас, од нашите глави и нашиот менталитет, ако претходната генерација по вакви победи уште повеќе се креваше и играше уште подобро, треба истото да го продолжиме и сега. Не велам дека ќе победиме, но мораме да се бориме, да гриземе при секој поен“, порачува капитенот на македонскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА