Ѓоргиев по јубилејот: Нека се позлати наредната „стотка“

Лидерот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, ја заокружи големата бројка од 100 репрезентативни настапи. Капитенот кој се калеше низ успесите на одбојкарскиот национален состав, сега ја предводи новата генерација во обидот за надминување на резултатите од претходните години во Сребрената Лига, но и за учество на Европско првенство.

„Особено сум горд и среќен што успеав да имам 100 натпревари во националниот тим. И тоа сите официјални, без пријателски. Јас всушност и ги бројам само официјалните. Не сум сигурен околу скорот, но и тоа ќе го пресметам. Многу сум горд на јубилејот. Бескрајно сум им благодарен на сите што беа со мене низ овие години, без нив не би успеал. Соиграчите и федерацијата ми подготвија и изненадување, што особено ми беше драго“ – Ѓоргиев.

Амбициите на македонскиот репрезентативен капитен не стивнуваат. Тој и натаму има големи соништа за успеси со одбојкарската репрезентација.

Се надевам дека во следните 50 или 100 натпревари кои ќе ги одиграм ќе дојдеме и до поголеми успеси, златен медал во Европската лига како и учество на големо натпреварување како што е Европското првенство. Итаме кон тоа“ – најавува капитенот.

Патот кон полуфиналето кое за нашите одбојкари е загаранирано, немаше посакуван тек. Со негативен биланс влегуваат во финишот од фазата по групи, со четири порази, по два од Летонија и од Австрија и со една победа против аутсајдерот Косово. Против оваа селекција играат и во завршното коло и имаат фаворитски статус.

„За жал ќе завршиме со биланс 2-4. Сметам дека утре ќе го победиме Косово. Ова ќе биде ефектот кој јас не го посакував. Но, минатите години завршувавме перфектно, со 6-0, па не го освојувавме златото. Се надевам дека оваа година ќе биде спротивно. Ќе завршиме полошо, но ќе дојдеме до златото. За дуелот со Летонија ми е особено мака за вториот сет во кој имавме голема предност, но не ја задржавме. Тоа на големи екипи кои претендираат на златен медал не смее да им се случува. Тоа беше голем тест за нас“.

Најдобрите македонски одбојкари утревечер во „Кале“ го комплетираат групниот сегмент од натпреварувањето. Со завршувањето на прелиминарната фаза ќе го добијат и противникот за полуфиналната пресметка на завршниот турнир на четирите најдобри селкции кој ќе биде во Скопје на 15 и 16 јуни.

„По завршувањето на групната фаза ќе иамме доволно време да се подготвиме. Дуелот со Косово утре повторно ќе биде за воигрување. Утре ќе го дознаеме и противникот. Па ќе можеме десетина дена добро да се подготвиме и тактички и ментално и физички за полуфиналето. Одиме напред, назад е минатото. Гледаме да завршиме позитивно, потоа да се освежиме и да влеземе во борба за златниот медал“. 

Во претходните три сезони, македонската одбојкарска репрезентација беше финалист во Сребрената лига. Ѓоргиев беше дел од тие успеси, годинава ќе се обиде да го одведе тимот конечно и до трофејот.

Најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓоргиев, кариерата ја продолжува со нова авантура во Јапонија. Сакаи блејзерс е новиот клуб на македонскиот капитен, кој по една година мината во Полска реши да се врати на Далечниот исток, каде остави извонреден впечаток во својата прва епизода, како член на Тореј ероус.

Се вчитува...