Македонските одбојкари ги одработуваат последните подготовки во Скопје пред заминувањето за Тампере, каде нашиот национален тим од 1 до 8 септември ќе биде дел од групната фаза од европскиот шампионат. За „црвено-жолтите“ ова ќе биде втор настап на еден континентален собир, а идентично како и пред две години во Љубљана,а повторно предводник на македонскиот национален тим ќе биде Никола Ѓоргиев.
Најдобриот македонски одбојкар е оптимист дека формата на репрезентацијата се движи во нагорна линија и дека во Тампере ќе може да се оствари позитивен резултат на поголем дел од натпреварите. За потсетување, Македонија е дел од групата Ц заедно со Финска, Шпанија, Холандија, Турција и Русија, а Ѓоргиев е убеден дека нашите одбојкари можат да се носат со сите ривали освен со суперфаворитот Русија.
„Поискусни сме за едно европско првенство, така што сега не ја чувствуваме истата еуфорија како пред две години. Тоа искуство е добредојдено, знаеме што не очекува и кои се грешките од пред две години што не смееме да ги повториме. Овде пред се мислам на „математики“, однапред да зацртаме на кои средби треба да одиме на победа, како во Словенија кога се мотивиравме максимално за Финска, па потоа паднавме психолошки по тој пораз. Тоа не смееме да си го дозволиме и упорно им го повторувам на соиграчите, јас верувам во оваа репрезентација и знам дека освен со Русија, можеме да играме со секој ривал и доколку бидеме на висина на задачата можеме да им ги замрсиме сметките на сите противници и да ги победиме“, изјави Ѓоргиев.
Тој се осврна и на изминатиот подготвителен период, во кој „спартанците“ одиграа квалитетни контролни натпревари.
„Задоволен сум од подготовките, пред се од фактот дека ги минавме без посериозен проблем со повреда, па цело време работевме во комплетен состав. Севкупно одигравме 12 пријателски средби заедно со Европската лига, што е одлична бројка за да се крене формата на посакуваното ниво. Како што реков, јас верувам во квалитетот што го поседуваме и доколку одиграме онака како што знаеме и умееме можеме да стигнеме до посакуваниот резултат“, оптимистички е расположен капитенот на македонската одбојкарска репрезентација.
Нашата национална селекција почнува со настапот на ЕП 2021 на 1 септември, кога за противник ќе го имаме домаќинот Финска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА