Повеќекратниот светски и европски шампион во кикбокс, Димитар Ѓорѓиев, вечерва против домашниот миленик Никола Дробњак во Зворник, Босна и Херцеговина, ќе се бори за професионална европска титула во кик-бокс.
Димитар Ѓорѓиев има освоено 8 медали на светски и европски првенства, од кои 5 златни, 1 сребрен и 2 бронзени медали. Во 2021 година го освои четвртото светско злато, после златата од светските првенства во 2011, 2013 и 2015 година. Во својата кариера Ѓорѓиев има и европска шампионска титула од ЕП 2018, а на ЕП 2012 го освои сребрениот медал. Има освоено повеќе од 30 златни медали на меѓународни купови, и е државен првак во две дисциплини од 2009 година.
Пред борбата Ѓорѓиев вели дека има голем респект кон противникот со кој двапати се бореше, па се надева дека утре ќе успее на крајот да дојде до победата.
„Досега се натпреварував само на аматерско ниво. Ова е моја прва професионална борба и прва шанса за професионална победа и се надевам дека ќе победам. Тој е искусен борец. Мислам дека ќе прикажеме одлична борба за публиката што е најважно. Да има квалитетен меч, а судиите на крајот ќе го прогласат победникот. Првиот пат против него загубив, вториот пат победив пред шест месеци, па затоа ова сега ќе биде финале меѓу нас двајца“, изјави Ѓорѓиев.
Пред главната борба меѓу Ѓорѓиев и Дробњак ќе има и осум предборби, а во една од нив ќе настапи и вториот наш претставник Бобан Илиоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА