Ѓорѓиев: Ветено – сторено, сега останува и среќата да биде на наша страна

Македонската одбојкарска репрезентација денеска против Турција го игра и четвртиот натпревар од квалификациите за Европско првенство 2021. Досега нашите момци остварија две победи на два натпревари против гостите од Босна и Херцеговина, а забележаа и пораз од силната Турција во првата меѓусебна пресметка.

„Спартанци“ вечерва ќе играат уште еден значаен дуел против Турција. Нашата мисија ќе биде да не загубиме со убедливи 3-0, зошто секој освоен поен и сет се значајни за пласман на ЕП. Секако желбата е освојување најмалку на два сета што ќе значи сериозен чекор кон Европското првенство.

Капитенот Никола Ѓорѓиев вели дека Македонија овој пат ќе биде многу поподготвена и мотивирана, бидејќи веќе на првиот натпревар имаа можност да ги анализираат и тестираат одбојкарите на Турција.

„Тоа што го ветиме на македонската јавност го реализиравме, ги победивме одбојкарите на Босна и Херцеговина, па сега веќе имаме големи шанси да обезбедиме пласман на ЕП. Се разбира, нашиот европски сон зависи и од денешниот меч против Турција, во кој повторно ќе го дадеме нашиот максимум, но нашиот пласман зависи и од останатите групи, се надеваме дека среќата ќе биде на наша страна“, изјави Ѓорѓиев.

Натпреварот на Македонија со Турција во СЦ „Борис Трајковски“, се игра со почеток од 18 часот.

Се вчитува...