Македонската женска репрезентација ги продолжува подготовките за квалификацискиот турнир кој престојниов викенд се игра во Скопје за место во баражот за пласман на Светското првенство во Шпанија.
Искусната Елена Ѓорѓиевска пред турнирот вели дека не треба да стравуваме од противниците, Исланд, Литванија и Грција, но мора да сме концентрирани единствено на нашата игра и желба за успех.
„По подолг период повторно сме во националниот тим со некои нови ракометарки, но стари желби за успех. Трипати по ред ги добиваме Исланѓанките за противнички, и може да ги издвоиме како фаворитки на турнирот, има огромен напредок во нивната игра, но не треба да стравуваме од ниту еден противник. Исходот на натпреварите најмногу ќе зависи од нас самите. Мислам дека нема да имаме проблеми за победи на овој турнир, иако јасно е дека мора приземно да ги очекуваме дуелите и секогаш со максимален ангажман на терен. Потоа во април посакуваме некој нормален противник за да дојде до сонот и пласман на Светското првенство во Шпанија“ – вели Ѓорѓиевска.
Македонија првиот натпревар го игра на 19. март против Исланд. Потоа на 20. март се соочуваме со Литванија, и на крај на 21. март против Грција. Сите три натпревари, поради најавите за можен полициски час, ќе се играат со почеток од 12 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА