Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, потпретседателот Мухамед Сејдини и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски денеска учествуваат во работата на 41. Редовен конгрес на Европската фудбалска федерација (УЕФА) во Хелсинки, Финска.
Како што информираше претседателот на УЕФА, Словенецот Александар Чеферин, секоја од 55-те членки на УЕФА ќе добие од Европската куќа на фудбалот „солидарна уплата“ во висина од еден милион евра. Чеферин објасни дека оваа уплата за сите национални федерации, меѓу кои секако и ФФМ, е можна поради одличните финансиски резултати во изминатата година.
УЕФА сезоната 2015/16 ја заврши со добивка од 102,1 милион евра, што го вклучува и Европското првенство во Франција, па нејзините резерви се искачија на 633 милиони евра. Од нив се издвојува по милион евра за секоја од членките за оваа година.
„Улогата на УЕФА не е да акумулира богатство, туку да им помага на своите членки и да го поддржи развојот на фудбалот. Токму затоа се тие пари“ – рече Чеферин на Конгресот во Хелсинки.
Инаку, на денешниот Конгрес донесена е и одлука во иднина да има ограничување на мандатот на еден претседател на УЕФА. Така во иднина ист човек ќе може да се кандидира за прв човек на УЕФА само во три мандати, или вкупно 12 години, а не како досега неограничено.
Како што е познато, претходно на седницата на Извршниот комитет на УЕФА одлучено е финалето од Лигата на Европа во циклусот од 2018 до 2021 година да се игра во иста седмица како и финалето од Лигата на шампионите, почнувајќи од 29. мај 2019 година.
Договорени се и стратешки одлуки за развој на футсалот, при што Европските првенства од 2022 година ќе се одржуваат на секои четири години со 16 репрезентации, наместо на секои две години со 12 репрезентации. Европското првенство за жени од 2019 година ќе се одржува на секои две години, како и Европското првенство за репрезентации до 19 години.
Извршниот комитет на УЕФА ја потврди одлуката дека Европското првенство за репрезентации до 21 година ќе се одржи од 16. до 30. јуни во Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА