Актуелниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски наредниве денови се очекува и официјално да го соопшти повлекувањето од челната позиција на Фудбалската федерација на Македонија. Како што дознава ЕКИПА, Ѓорѓиоски од следниот месец се сели во УЕФА добивајќи функција во кабинетот на претседателот Александар Чеферин како негов советник.
Ѓорѓиоски, со поканата во иднина да биде директно во кабинетот на првиот човек на УЕФА, добива силна потврда на досегашното менаџирање со ФФМ, а Фудбалската федерација на Македонија наскоро се очекува да добие нов предводник. Својата одлука за повлекување од челната функција на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски се очекува утре да им ја соопшти и на членовите на УО на ФФМ на закажаниот состанок од 12 часот.
Според нашите информации, до назначувањето на нов претседател, ФФМ ќе биде предводена од потпретседателите на федерацијата и првиот оперативец – генералниот секретар Филип Поповски.
Илчо Ѓорѓиоски изминативе шест години беше прв човек на ФФМ, како четврти претседател во независна Македонија по Љубисав Иванов – Ѕинго, Љамбе Арнаудов и Харалампие Хаџи-Ристески.
Најавите се дека нов предводник на ФФМ ќе се избира на редовното Изборно собрание предвидено за почетокот на следната година. Како едни од најсериозните имиња за наследник на Ѓорѓиоски се истакнуваат легендата на македонскиот фудбал Вујадин Станојковиќ, но и Димитар Костадинов, сопственикот на „Кодинг – Горска’, околу кои главно постои и отворен концензус од фудбалските работници во земјава за нов предводник на домашниот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА