Манчестер Јунајтед против Реал Мадрид, во Скопје на УЕФА Супер Куп 2017. Поатрактивно финале во нашата држава веројатно не можеше и да има! Сега и којзнае кога повторно фокусот на светската јавност барем неколку дена, ќе биде насочена кон нас.
Со доделената организација на Суперкупот во 2017 година во кој ќе настапат освојувачите на Лигата на шампиони и Лига Европа во сезоната 2016/2017, бенефитите за домашната економија се огромни.
Речиси 20 милиони евра е прогнозираниот износ на средства што ќе се слеат од активностите на посетителите во периодот на одржување на Суперкупот кон македонските ноќевалишта, ресторани, културни знаменитости, компании што нудат транспортни услуги, шопинг центри и останати трговци. Но, покрај овие импозантни бројки, малку нереално звучи кога ќе се додаде дека тоа не е сè. Имено, промоцијата што како држава и дестинација ќе ја добиеме меѓу туристичките сладокусци, ете доаѓа сосема бесплатно. Како спортски „деликатес“ кој потекнува од евро-азиското ќоше на светот, потенцијалната публика на која би се обратиле медиумите од Велика Британија до Далечниот Исток надминува три милијарди луѓе.
„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан“ – вели претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, потенцирајќи ја шансата за афирмација на Македонија, што би донело повеќекратна корист за државата на долг рок.
Фудбалската федерација на Македонија со добиената доверба од УЕФА за организација на Супер купот 2017 станува еден од најголемите амбасадори на нашата земја, промотор на фер-игра, на социјално и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество. Ова признание е резултат на добрата работа на ФФМ, на почитта која ја ужива во УЕФА, на досегашните активности и пред сè во спремноста да биде сериозен партнер во реализацијата на врвно спортско натпреварување.
Како што е познато, во текот на вчерашниот ден од службите на УЕФА веќе и официјално ги информираа среќните добитници на билетите за големиот настан кој на 8. август ќе се одржи на „Телеком арената“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА