Емилијан Ѓорговски пред неколку години важеше за македонски ракометен суперталент, но по трансферот во Е. Пелистер десноракиот бомбардер не доби премногу шанси во таборот на битолчани.
Во една таква ситуација, не беше изненадување кога Ѓорговски реши да си замине од таборот на актуелниот првак и да се пресели во таборот на Алкалоид, клуб кој од самото формирање покажа дека им дава шанса за развој на младите и перспективни македонски ракометари.
„Презадоволен сум како сум прифатен од новите соиграчи. Подготовките течат во најдобар ред, се трудам да го дадам својот максимум на секој тренинг, а потоа и на терен. Атмосферата е одлична, со дел од играчите имаме играно заедно во младинската репрезентација, па не беше тешко да се вклопам во тимот“, вели Ѓорговски за официјалната веб-страница на Алкалоид.
Тој очекува жестока борба на сите натпревари сезонава, со оглед на огромната конкуренција во Супер-лигата која е посилна од година во година.
„Од сезона во сезона Супер-лигата е поквалитетна, има поголема конкуренција. Покрај Вардар, Пелистер и Алкалоид, сезонава засилен е и Охрид. Но, секогаш има и по некое изненадување плус, не смее да се потцени ниту еден тим. Наша задача ќе биде максимално да се подготвиме за секој натпревар без разлика против кого играме. Со оглед на тоа дека сите репрезентативци играат во домашната лига, а квалитетот е на високо ниво, тоа е добро и за националниот тим. Ќе биде интересно и во европските натпреварувања, секогаш одиме на победа, дури и против еден бундеслигаш како што е Хановер. Знаеме дека Бундес-лигата е најдобра во светот, но секогаш ќе го даваме максимумот, без оглед на противникот“, порачува Емилијан Ѓорговски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

