Горко европско деби за ТФТ

ТФТ Скопје не успеа да ја мине првата пречка на европското деби откако скопскиот прволигаш загуби на стартот од квалификациите за Еврокупот на ФИБА, од унгарскиот претставник Сегед со убедливи 76-92. Колективот потфрли на овој натпревар, на кој тројца кошаркари постигнаа 64 од вкупно 76-те поени на тимот, а меѓу стрелците кај ТФТ се впишаа само петмина различни играчи. Избраниците на тренерот Смилковски немаа одговор за поквалитетниот противник, па по само еден меч во далечната Русија (каде се одржува овој квалификациски турнир) се враќаат назад во Скопје, за стартот на новата прволигашка сезона.

ТФТ успеа да му парира на противникот само во првата четвртина што Сегед ја доби со 22-24, но како што одминуваше овој натпревар така се зголемуваше и предноста на унгарскиот состав. Одбраната на ТФТ воопшто не функционираше во првото полувреме примајќи дури 50 поени (43-50), а во третата четвртина на ниво не беше ниту нападот, откако кошаркарите на Смилковски за десет минути постигнаа само 12 поени, а противникот со атрактивно забивање со звукот на сирената ја заврши четвртината со конечни 55-68.

Отпорот на македонскиот тим беше скршен, па ТФТ не успеа посериозно да се доближи, а Сегед искусно ја одржуваше предноста до самиот крај и конечните 76-92.

Смит беше прв стрелец на ТФТ со 23 постигнати поени, два помалку постигна Хортон, додека Александар Костоски реализираше 20 поени и 9 асистенции. Поени за македонскиот тим постигнаа само уште Џон Џуниор (осум) и Маслинко (четири).

Се вчитува...