Женската ракометна репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз, овој пат од домаќинот Романија со 31-18, во вториот натпревар на турнирот „Трофеј Карпати“ што се одржува во Крајова.
По доброто издание на вчерашниот прв меч против Бразил (19-32) во кој избраничките на селекторот Симе Симовски пружија достоен отпор и во поголем дел држеа чекор со светскиот шампион од 2013, овој пат концентрацијата попушти уште во првите минути. Разликата во искуството и во квалитетот брзо дојде до полн израз. Романките уште по првата четвртина веќе имаа двоцифрена предност, а Македонија за 17 минути постигна само еден единствен гол (12-1)!
До крајот на првото полувреме, македонските репрезентативки запишаа вкупно пет гола и на одмор заминаа со 13 гола помалку од Романките (18-5).
Почетокот на второто полувреме донесе малку посигурна и многу поефикасна игра на македонската репрезентација која во првите десетина минути успеа да врзе и четири гола во серија и да ја намали разликата на 20-10 и речиси до крај останаа на таа дистанца од 10 гола. Во последната минута Романките постигнаа три гола во серија за конечната победа од 31-18.
Елена Ѓорѓиевска и Сара Ристовска беа најефикасни во македонскиот состав со по пет гола.
Во вториот натпревар од вториот дена на „Трофеј Карпати“, репрезентацијата на Полска го победи Бразил со 29-19. Полска ќе биде последниот противник на Македонија на турнирот, утре со почеток во 13 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА