Елиф Елмас одигра одличен натпревар во македонскиот дрес, еден од најзаслужните за ремито со Италија во Скопје во квалификациите за ЕП 2024, само дополнително засилувајќи го веројатно интересот на голем број европски екипи за неговите услуги.
Во моментите додека Елиф се подготвува за пресметката со Малта вечерва од 20:45 часот, во фокусот на италијанските медиуми e агентот на македонскиот „дијамант“, Никола Ѓошевски кој заедно со неговиот татко се единствени задолжени за неговата иднина.
„На натпреварот со Италија запишавме одличен резултат со освоен важен бод околу натамошниот тек на квалификациите, играјќи компактно и комбинаторно до навистина уште еден убав резултат против моќна селекција како Италија. Елиф Елмас, како и многупати претходно, со врвен перформанс: постојана закана за одбраната на Италија и по една од неговите соло-акции следеше прекршокот на работ на шеснаесетникот по што и голот од слободен удар за реми“ – вели Ѓошевски во разговор за „Калчо Наполи 24“, осврнувајќи се на мечот на Македонија со Италија и играта на Елиф.

Но, фокусот е, пред се, секако на бројните шпекулации изминатиов период околу неговата иднина, со постојани изјави на менаџери кои низ медиумите се именуваат како агенти на Елиф, но Ѓошевски повторно ја истакнува единствената вистина.
„Имаше многу шпекулации изминатиов период, но вистината е само една. Само таткото на Елиф и јас сме официјални застапници на Елмас и единствени кои разговараат и имаат право да разговараат и преговараат за неговата иднина“ – вели Ѓошевски.
А, околу актуелната ситуација….
„Во моментов може да потврдиме дека разговараме за продолжување на договорот со Наполи, но има разговори и со многу други заинтересирани клубови за негов ангажман. Па, ќе видиме што ќе донесе иднината“ – вели Никола Ѓошевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

