ЃОШЕВСКИ за трансферот на Елмас: „Лајпциг не беше погрешно избран клуб, туку погрешно избран тренер – Марко Росе е слаб тренер!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостин и најголемиот македонски фудбалски агент, некогашен член на златната вардарова генерација од 2003 година, Никола Ѓошевски, човекот кој се грижи за кариерите на бројни македонски репрезентативци меѓу кои и на најдобриот македонски фудбалер Елиф Елмас.

Никола Ѓошевски, без сомнение е еден од ретките Македонци директно инволивиран и во европските случувања со бројни силни контакти на фудбалската сцена. Покрај бројните теми за разговар во „ПРЕСИНГ“ неизбежна и онаа за трансферот на Елиф Елмас од Наполи во Лајпциг…. Грешка или добра лекција!? Сепак, јасно е дека проблем беше тогашниот тренер на Лајпциг, Марко Росе, кој и го одобри трансферот… Но,…

„Знаете како, фудбалерот е еден дел од вкупно трите дела кога се прави трансфер, бидејќи во секој трансфер има три страни, посебно кога си под договор. Тоа се играчот, „клубот кој продава“ и „клубот кој купува“. Да, без волја на играчот не може да се реализира трансфер. Советите на агентот на играчот се совети, а одлуката е само на самиот играч. Конкретно за Лајпциг, иако многумина зборуваат дека е тоа грешка, за мене не е грешка, за мене е една голема лекција, за сите нас и за Елиф. Бидејќи Лајпциг не беше погрешно избран клуб, туку беше погрешно избран тренер!!!“ – вели Ѓошевски.

„Тоа е една лекција за нас, и за мене дека не треба да го бираме само клубот, туку треба да гледаме, пред се, кој тренер го зема играчот. Се покажа дека Марко Росе е слаб тренер, не само за Елиф Елмас, туку и за Лајпциг! А, во тој момент Марко Росе го одобри трансферот на Елмас. Преговорите траеја шест месеци. Тие беа тешки преговори коишто, како при секој трансфер, се тајни. Во случајот со Лајпциг беше погрешно избран тренер, а не погрешно избран клуб, бидејќи Лајпциг е топ клуб и Елиф само имаше една лекција во Лајпциг да види дека има секакви тренери. Да научи нешто и тој да се промени, затоа што некои работи можеби и тој не ги прави најдобро. Говорам карактерно. Фудбалски Елиф е докажан! Така да, тоа е една, за мене, не грешка, туку една лекција, која што Елиф ја научи многу добро и се врати во колосек, враќајќи се во Наполи сега. И сигурно дека таа лекција ќе му помогне многу и за понатаму, бидејќи Елиф нели не е престар играч. Елиф има уште долга кариера пред него“.

Повеќе од доволен доказ дека во случајот на Елиф и Лајпциг е единствено до лошиот тренер, е фактот дека тренерски имиња од највисок калибар како Анчелоти, Спалети, Конте…, со најпофални зборови секогаш се изразуваат за македонскиот репрезентативец со огромна доверба кон него во сите клубови во кои соработуваа меѓусебно.

„Да не заборавиме со какви се тренери Елиф има работено. Тоа се Анчелоти, тоа е Конте, тоа е Спалети. И кога едни такви тренери многу го ценат Елиф и ден-денеска и во своите изјави постојано ги нагласуваат неговите квалитети. Ден-денеска Анчелоти, Конте и Спалети, само со пофални зборови во секоја прилика се изразуваат за Елиф. И поврзано со тоа, пак ќе повторам, зошто сметам дека Лајпциг не е грешка? Затоа што врвни тренери те ценат и сакаат, а некои тренери кои што се пониско ниво, не те играат. Значи не е до тебе, туку е до тренерот!“ – вели Ѓошевски.

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...