Италијанскиот репрезентативец Даниеле Де Роси и во моментите на најголемо разочарување ја покажал својата спортска големина. По елиминацијата од Шведска на „Сан Сиро“, што за „аѕурите“ секако е трагично, да не играат на мундијал по цели 60 години, Де Роси заминал во автобусот на Шведска и јавно им се извинил на ривалите за исвиркувањето на нивната химна.
„Ни честиташе за пласманот и се извини за однесувањето на некои нивни играчи во Стокхолм, како и за исвиркувањето на нашата национална химна во Милано“, истакна шведскиот репрезентативец и соиграч на Алиоски од Лидс јунајтед, Понтус Јансон. „Во автобусот завладеа неверување. Сите реагиравме во стилот: „Вау, зарем ова навистина се случи? Каков господин. Неверојатен момент“, дополни Јансон.
Селекторот Јане Андерстон вели дека спортот на крајот секогаш победува.
„Тоа е спортот во своето најдобро издание. Можете да „војувате“ на теренот, но потоа треба да се стиснете рака и да се поздравите“, изјави Јане Андерсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА