ГОСПОДИН ФУДБАЛ – ДЕН 9: „Бззз-прц“ Кенада и џерманската чизма на Апенините

Господин фудбал е редок примерок на македонски фудбалски стручњак кој прати се, од Премиер-лига па се до Втора Финска Иконен лига. На времето бил еден од најголемите таленти на ФК Цементарница, но како што вели и самиот други работи го интересирале повеќе од фудбалот (алкохол, цигари и жени) па и затоа не напраил голема кариера. Три пати го има чувано како „задњи везни“ Дарко Панчев кого го има ставено во џеб. Во моментов е невработен и најчесто можете да го најдете во локалното кафуле и обложувалница, каде везден раскажува приказни за некои подобри времиња. Како стручен аналитичар следните 29 дена специјално за ЕКИПА.МК ќе ги анализира и коментира натпреварите на СП во Катар.


„Можеби непријателска е околината за белгиските фудбалери бидејќи „Ал Тумам“ арената е окупирана од мароканските навивачи“. (ПРЕКРАСНО).

Друже почиње Јапанцине од Јапана со Костакуртанци и глеам кај нив играч Јелцин Техеда. Абе не знам зошо одма на Борис Јелцин ме потсети. Се сеќаваш ти на него, прв прецедник на Русија беше по СССР.  Да да, после него дојде Владимир Владимирович Пјутин. Не бе сум ти рекол не ме занима политика, ова чисто така еден курвоа, курвоазије, курвоазијетет. А, за утакмицава тоа е Јапанцине немаа среќа, жал ми падна на крај да ти кажам право.

Седам така недела, зелникот сабајле го изедовме, го погодила да ти кажам право, не дека е моја али си ја бива жената, домаќинка. И после свртевме на ракиичка и салатиче таман да глеаме Мароко – Белгија. Абе нешо слушав у Бруксел 20 отсто биле Мароканци, па тоа таму може и рат било друже. Фламанцине да ти кажам многу слабо и со Кенада беа послаби не знам како тепаја. Азар друже ти е ко оној српскион политичар Палма на одмор у Парајлија коа ќе облече дрес од ФК Јагодина. Каде бе друже со тоа стомаче. Знаеш ја не го сакам друже Роналдо, ама свака му част за посветеноста. Него почиње утакмицана и глеам на химна еден голман за Мароко, после друг? Да не знаеш шо се десило бе? Баџото ми е у Лондон, живее таму го прашуев на Би-би-си да не кажале нешо, ми вика не бе и у Англија цел ден сите зборат шо се десило со Боно, ќе има ли нова турнеја. Така се викал друже, Боно. Ме збуни малце ова со турнејата, али нејкев да го замарам баџото… Заслужена победа на крај на Мароко друже, оној малион шо го дае вториот гол ко Панчич – Кобра така и се израдува… Него да не знаеш Победа – Шкупи како заврши?

Доаѓа таман време ручек, и дома изваредно ребренце, црвено винце ќе глеаме Кроација. Почиње „Липа наша“ и одма се сетив на одмори у Макарска коа идевме ко млади, па какви времиња беа тоа. Абе друже Далмација си е Далмација, нема поубаво море од Јадранско. Па коа ќе седнеш покрај море, па храна прекрасна, па некоја клапа пее, а тука шета Мило Хрниќ… Не го знаеш? Добро млад си ти, он ти е балканскиот Том Селек друже, таков брк имав и ја на времето, еее години. Него за утакмицава… Тренерон се к*рчеше ќе е*еле Хрвати а? Епа еве му сеа, шо би рекол еден господин кој многу го поштуем „Бззз-прцццц“. Гудбај Кенада.

Заврши и тоа и дојде време да се отвори коњакот стар 20 години. И викам на мојана, душо еднаш е мундијалска недела со четри меча у четри години, дај донеси тоа орасниците. И така ко шо би рекле некои писатели Џерманската чизма требаше да ги искачи Апенините… Друже, Апенини ли беа у Шпањолска? Нема везе добра утакмица друже, али Џерманцине можеа да испаднат за малку. Не ги сакам нешо многу, ама Свецко без Џерманија не е Свецко бе друже… Се на се добра текма, баш таква неделна, ко да глеам Серија А на времето. Добар икс, друже добар икс.

Него друже у понеделник сабајле на работа не сме само ја, ти и оние вчера дежурни шо биле у македонска телевизија… Ај да убрзам да идам до пазар да зеам кајмак, да бе добар има на „Зелено пазарче“, а и девојчето шо работи, добра риба… Ме потсеќа на Силвија Стојановска, да бе на Ненад жена му, да де на Ацо Јовановски ќерка му, нека им е лесна земја на двајцата, актеришта беа. Ајде идам друже па да се нервираме со Србите… Се глеаме утре.

Се вчитува...