Шпанија стигна до трофејот што и недостигаше на „црвената фурија“, а успехот на ова европско првенство ќе беше речиси невозможен ако Шпанците во последен момент не го доведоа во Загреб Арпад Штербик, кој заслужено беше избран за МВП-ракометар на големото финале.
Повредата на Гонзало Перез де Варгас придонесе да дојде до повик за голманот на Вардар, а искусниот чувар на мрежата дојде во хрватскиот главен град и го направи она што најдобро го прави во текот на целата кариера – блеска на најголемите натпревари.
По трите одбранети пенали во полуфиналето со Франција, Штербик влезе во игра во 21. минута од денешниот меч. Шпанија во тој момент губеше со 9-11, но јасно е дека со Арпад на голот многу полесно се прави пресврт. Швеѓаните наидоа на пречка што не успеаја да ја решат во клучните моменти од второто полувреме, осумте интервенции на Штербик не се доволна илустрација за неговото значење, за сигурноста на шпанката одбрана откако вардаровиот голман го замени Коралес.
И затоа, неслучајно покрај новиот голем трофеј во својата кариера Штербик се закити и со уште едно МВП признание, по она од Ф4 турнирот во Келн, кога го искачи Вардар на врвот на ракометна Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА