Гостивар е ептен моќен, лекција за Еуро Никел среде Кавадарци

Гостивар ја продолжува серијата извонредни настапи од почетокот на 2021 година со уште една значајна гостинска победа, овојпат во Кавадарци над Еуро Никел со резултат 89-99. Ефикасниот напад беше заштитен знак и на овој меч за избраниците на Марјан Србиновски, кои наметнаа темпо што домашниот состав не успеа да го следи, па Еуро Никел го загуби и вториот меч во серија во Кавадарци по неуспехот на дуелот со ТФТ.

Уште од самиот почеток Гостивар беше тимот што доминираше на теренот, гостите во првите десет минути постигнаа дури 30 поени, создавајќи си удобна предност од 22-30. Кавадарчани на почетокот од втората четвртина се приближија до 27-33, што беше најблизок резултатски приклучок до крајот бидејќи гостиварци влегоа во нова серија, заминаа на одмор со плус десет (48-58), а потоа ја добија и третата четвртина со 15-23 и практично си ја осигураа победата. Гостиварци во последниот период имаа и преубедливи „плус 25“ (68-93), за домаќините во самиот финиш само да го ублажат убедливиот пораз.

Центрот Тодоровиќ беше најефикасен со 29 поени, Вокер оствари дабл-дабл од 19 поени и 10 асистенции, додека Александар Костоски реализираше девет поени и 12 асистенции на овој натпревар. Кај Еуро Никел најдобри поединци во денешното бледо издание беа Јане Петровски со 23 поени и 11 асистенции и центарот Рикиќ, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 12 скокови.

Се вчитува...