Гостивар е шанса за победа на Брера, тешки гостувања за Шкупи и за Работнички

Денеска се играат четири натпревари од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига. Дербито помеѓу Вардар и Шкендија е на програмата утре, а денеска игра тимот на Шкупи кој би можел со триумф да се искачи повторно на првата позиција на табелата.

Чаирскиот тим има одлична серија, но и тешко гостување во Кавадарци кај тимот на Тиквеш. Избраниците на Младен Жижовиќ ќе се обидат да дојдат до петтата победа по ред.

„Во клубот има одлична атмосфера, така што сите ќе одиме на победа, и да се вратиме на врвот на табелата. Дуелот со Тиквеш нема да биде лесен, затоа што имаат стабилен тим и одлични резултати на домашен терен“, изјави Алберт Диен, играчот за врска на Шкупи.

Во Струмица, АП Брера ќе се обиде да стави крај на лошата серија на резултати со домашен натпревар против Гостивар. Струмичани имаа одлична низа на почетокот од сезоната, каде остварија четири победи од четири меча, но во следните пет не остварија ниту еден триумф, и шансата за враќање на победничките патеки е Гостивар. Гостивар, пак, игра во стилот „топло-ладно“. Го совлада Вардар, одигра нерешено со Шкендија, а има најави за превирања во овој тим во раководството.

Воска Спорт на домашен терен го пречекува тимот на Македонија ЃП. Важен меч за Охриѓани ако сакаат да избегаат од опасната зона. Исто важен и за „лавовите“ кои на последните три меча остварија две победи. Воска, пак, е во низа од четири порази по ред.

Интересно ќе биде и во Штип, каде Брегалница го чека составот на Работнички. Двата тима се на три бода разлика во корист на „романтичарите“, а штипјани веќе четири кола чекаат победа, и имаат скор од три порази и едно „реми“.

ПМФЛ, 10. КОЛО

ДЕНЕСКА, 14:00 Ч. 

Струмица: АП БРЕРА – ГОСТИВАР

Штип: БРЕГАЛНИЦА – РАБОТНИЧКИ

Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКУПИ

Охрид: ВОСКА СПОРТ – МАКЕДОНИЈА ЃП

НЕДЕЛА, 14:00 Ч. 

Струга: СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС

Скопје, Борис Трајковски: ВАРДАР = ШКЕНДИЈА

 

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...