Марјан Србиновски останува на чело на Гостивар и во текот на наредната сезона, откако поранешниот македонски селектор оствари добри резултати со повратникот во елитното друштво во ланскиот шампионат. Гостиварци со стил се вратија во елитата, салата им беше исполнета на речиси секој натпревар, а на резултатски план ги остварија очекувањата, влегувајќи во Супер-лигата и за малку не стигнувајќи до место во полуфиналето.
Ова беше сосема доволно за Србиновски да остане на чело на стручниот штаб за наредната сезона, во која се очекува уште еден чекор напред од страна на поранешниот првак на Македонија.
„Презадоволни сме од начинот на кој течеше соработката со Србиновски, седнавме и се договоривме и за новата сезона. Онаа дебитантската сезона при враќањето мина многу добро, ја вративме кошарката во градот. Од финансиски аспект сите обврски од ланската сезона се подмирени, имаме стабилен буџет и за наредната сезона. Начелно сме договорени за останување со дел од клучните играчи, а планираме и дополнително да го засилиме ростерот“ – изјави директорот на Гостивар, Бали Саити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА