Гостивар има иднина – општината го спаси кошаркарскиот клуб!

Огромните финансиски проблеми со кои се соочува КК Гостивар од стартот на сезонава се на добар пат да бидат решени, откако општина Гостивар донесе одлука да стане акционер во овој спортски колектив.

Гостиварци утрово се пофалија со договор за соработка со оптшината, нешто што не беше случај со години наназад, во обид да го стабилизираат клубот.

„Кошаркарскиот клуб Гостивар и Општина Гостивар, предводена од градоначалникот Г-дин Валбон Лимани, постигнаа договор со кој Општината официјално станува акционер во клубот. Овој чекор претставува значајна поддршка за развојот и стабилноста на клубот, како и јасна потврда за континуираната заложба на Општина Гостивар за унапредување на спортот и спортската култура во нашиот град.

Ова не е само договор – ова е порака. Порака дека клубот има иднина. Порака дека спортот во Гостивар има институционална поддршка. Порака дека заедно градиме стабилен, силен и амбициозен клуб за сите! Со овој чекор отвораме ново поглавје, со поголема одговорност, поголеми цели и уште поголема мотивација да го претставуваме Гостивар онака како што заслужува – со срце, борба и победнички менталитет. Општина Гостивар секогаш била и ќе остане силен поддржувач на спортот во Гостивар’, се вели во соопштението на КК Гостивар.

Сега ќе следи потешкиот дел од задачата, да се обезбеди опстанок во елитното друштво, што нема да биде нималку лесно ако се знае дека од Супер-лигата испаѓаат три екипи, а гостиварци моментно се наоѓаат на претпоследното место со скор од три победи и единаесет порази.

Се вчитува...