Гостивар ја продолжува „војната“ со Тиквеш: ФФМ е информиран за труењето и можната саботажа

Фудбалскиот клуб Гостивар ја продолжува „војната“ со Тиквеш, со нова преписка околу случувањата пред и за време на натпреварот во Кавадарци на кој Тиквеш славеше со 2-1.

Гостивар најпрво го осуди судењето на натпреваро, а потоа информираше и за труење со храна на неговите фудбалери, за да следеше одговор од Тиквеш. Сега Гостивар повторно со одговор на кавадарчани:

„Изјавата на Тиквеш ја сметаме за доста интересна. Како прво, ние очекувавме од нив да слушнеме порака „нека ви е со помин и посакуваме брзо оздравување“. Поради ова ние не обвинуваме никого по ова прашање, не знаеме кој стои зад овој инцидент. Разгледуваме секакви можности и веќе ги поднесовме потребните барања за истражување. Второ, многу е интересно што точно го знаат местото и градот на хотелот каде што ние бевме сместени! Да, ако тоа е толку важно, можеме да направиме корекција. Ние бевме сместени во хотелот што се наоѓа на 10-15 километри од Кавадарци. Не ни е јасно која е разликата дали хотелот е во Кавадарци или Неготино. Зашто не е во прашање локацијата на хотелот, туку тоа што бевме отруени во хотелот. Болницата каде што ги направивме анализите, заедно со нашите адвокати, веќе поднесе жалба против хотелот. Фудбалската федерација на Македонија исто така е информирана за случајот. Трето, По кој основ од клубот Тиквеш велат дека немало поплаки пред натпреварот? Нашиот доктор беше запознаен со ситуацијата, а нашиот помошен тренер исто така се жалеше на здравствени проблеми. Можноста за саботажа се појави откако ги добивме резултатите од болничките анализи. Четврто, ве молиме да не зборувате за месецот Рамазан и за нашите фудбалери кои постат. Покажeте почит. На која основа и врз кого клубот Тиквеш ги дава овие информации? Ако зборуваме врз основа на шпекулации, и ние би можеле да кажеме многу работи. Но, ние во моментов зборуваме врз основа на болнички извештаи“ – велат од Гостивар.

Се вчитува...