Гостивар преку Феникс 2010 до седмата победа во низа

Гостивар стигна до седмата победа во низа во Првата кошаркарска лига откако на домашен терен славеше со 96-75 над Феникс. Домаќините добро го отворија натпреварот и веќе во првата четвртина стигнаа до двоцифрена предност, одолеаја на налетот на гостите на почетокот на второто полувреме и сосема заслужено стигнаа до нови два бода.

Високата реализација на Гостивар проследена со течна игра во нападот и расположениот Марјан Јанески кој погоди четири обиди за три поени донесе рана двоцифрена предност (24-14) за домашниот тим. За разлика од нив, гостите успеваа да креираат отворени обиди, но не и да реализираат па по 10. минути игра на семафорот стоеше резултат 28-17. До крајот на првото полувреме Феникс ја зацврсти одбраната, а со тоа опадна и високата реализација за домаќините. Гостите ги искористија промашените обиди на ‘сино-белите’ за лесни поени во транзиција па и покрај тоа што не го најдоа вистинскиот ритам во нападот ја сведоа негативата на 47-39.

Добриот моментум на гостинскиот состав продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое ‘виолетово-жолтите’ стигнаа до негатива од само пет поени (49-44), но домаќините навремено ги консолидираа своите редови. Добрата игра во одбраната го сведе Феникс на тешки обиди, Гостивар ги лимитираше и поените од транзиција, стигна и до поени во рекетот на противникот па ја врати двоцифрена предност по третата четвртина (71-55). Добриот ритам на избраниците на Јончевски продолжи и во последната четвртина во која преку шутот за три поени Гостивар стигна до предност од 85-63, а гостите кои во првиот меѓусебен натпревар се вратија од негатива од 19 поени во последните десет минути, овој пат без Митревски и Хот немаа сили за нова сензација.

Јанески со 18 поени беше прво име кај победникот, додека Тодоровиќ заврши со 16. Кај поразените Трајковски уфрли 19 поени, додека Морган заврши со 12.

Се вчитува...