Гостиварци без лек за одбраната на Блокотехна

Блокотехна ја продолжи серијата победи во меѓусебните дуели со Гостивар, триумфирајќи и на четвртиот натпревар во низа на дуелот на новите македонски прволигаши, овојпат на домашен терен со убедливи 72-53. Избраниците на Марјан Илиевски во најголемиот дел од натпреварите славеа благодарение на беспрекорниот напад, но денеска изненадија и со фантастична игра во одбраната, запирајќи ги гостинските кошаркари на само 53 постигнати поени.

Уште од самиот почеток стана јасно дека домашниот тим ќе доминира, Мијатовиќ за помалку од пет минути веќе постигна 11 поени, а Блокотехна експресно дојде до двоцифрена предност од 13-3. Гостиварци немаа одговор за дефанзивата на домашната екипа, па тимот на Марјан Србиновски во првото полувреме за 20 минути игра постигна само 18 поени (44-18).

Јасно прашањето на победникот беше решено, но кошаркарите на Блокотехна не дозволија изненадување, во текот на второто полувреме ја чуваа предноста над 20 поени, се до конечните „плус 19“ (72-53).

Двејн Бенџамин го заврши натпреварот со 21 поен, по 13 за победничката екипа постигнаа Мијатовиќ и Боувен, додека кај Гостивар најдобри поединци беа Магдевски со 15 и Димитриевски со 14 поени.

Се вчитува...